За нас

Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста, која како трајна вредност останува врежана во колективната меморија на македонската јавност.

Основан во 1964 година како резултат на бројни донации на уметнички дела од 65 земји во светот, мисијата на Музејот е да ја одржува меморијата и традицијата на солидарноста и да продолжи да колекционира, чува, заштитува, проучува и вреднува значајни уметнички дела и со нивно изложување на судот на јавноста да ја развива свеста и разбирањето на највисоките духовни вредности на современата уметност и општество.

Нашите останати цели се да допреме подеднакво до регионалните и до диверзитетот на глобалните уметнички аспекти кои се однесуваат на отворените прашања и перспективи што се поставуваат пред уметноста и денешните општества.

Да ја продлабочиме едукативната димензија на уметноста и улогата на музејската институција во развивањето на свеста за значењето во негувањето и унапредувањето на културните вредности

Да создаваме широка платформа за критички дијалог што ја обликуваат нашата сегашност.

Зграда

Совршено вклопена во конфигурацијата на скопското Кале и опкружена со панорамата на градот, зградата на МСУ, подигната во 1970 година, е извонреден пример на архитектурата на доцниот модернизам и симбол на после земјотресната обнова на Скопје.

Зафаќајќи вкупна површина од над 5428м2, зградата на МСУ ја сочинуваат три поврзани објекти во кои 3000м2 отпаѓаат на изложбените простори и просторот за постојаната поставка, салата за предавања, филмски и видео проекции со 100 седишта, библиотека и архива, администрацијата, конзерваторската работилница, депоата и други помошни служби, како и музејската продавница и кафетерија.

Големите парковски површини, кои овозможуваат инсталирање на разни скулпторски проекти, како и пространиот паркинг ја дополнуваат непосредната околина на Музејот на современа уметност.

Библиотека

Музејот на современата уметност во Скопје ја поседува најголемата специјализирана библиотека во земјата, каде што се чуваат книги и публикации поврзани со модерната и современата уметност, монографии за значајни домашни и странски уметници, книги за теорија на уметноста и уметничка критика.

Значаен дел од фондот на библиотеката претставуваат и големиот број изданија на МСУ-Скопје, публикувани од музејот од неговото основање во 1964 година до денес: каталози од самостојни и групни изложби, монографско-ретроспективни изданија, книги предавања и теориска литература, меѓу кои и специјализираното списание за современа уметност „Големото стакло“ (The Large Glass).

Библиотеката содржи околу 4.500 книги и каталози од самостојни и групни изложби одржани во земјата и странство, како и повеќе македонски, југословенски и странски стручни периодични изданија од средината на 20 век до денес, меѓу кои се Umetnost, Artforum, Frieze, Texte zur Kunst итн.

Исто така, Музејот поседува и публикации од светски реномирани издавачи, значајни музеи, галерии и меѓународни колекции, потоа важни уметнички манифестации како што се Венециското биенале, Документа во Касел, со текстови од реномирани светски автори – стручна литература со која се образувале генерации историчари на уметноста, уметници и љубители на уметноста.

Како и самата колекција на МСУ-Скопје, Библиотеката на музејот е потврда за долгогодишната посветена работа во презентирањето и чувањето на уметничкото творештво на бројни светски и домашни автори.

Читањето на публикациите од богатиот фонд на библиотеката на МСУ-Скопје, пред нас ја отвора можноста да откриваме повеќе за светот – да го анализираме минатото и да се потрудиме ја разбереме сегашноста, за да можеме да ја проектираме иднината.

Посетете го музејот, каде што стручниот тим ќе ве воведе и ќе ви овозможи пристап до публикациите во кои е собрано големо знаење во областа на културата и уметноста, а можеби во нив се кријат и некои од одговорите на прашањата и темите кои ве интересираат!

Работно време

Библиотеката е отворена за стручната и пошироката јавност, од вторник до четврток, помеѓу 10 и 14 часот, со претходно закажување на посета.

Начин на користење

Публикациите може да се користат само во просториите на музејот.

Адреса

Самоилова 17 Скопје, 1000

Република Северна Македонија

Работно време

Вторник – Сабота
10:00 – 17:00

Недела
09:00 – 13:00

Влезници

Износ на билет:

100 денари